19.02.12 @ 20:19
Прегледи: 145
љубовта на орфеј и евредика
Орфеј е митски грчки пејач, син на Еагро (или Аполон) и на Калиопа, муза на епската поезија (најстарата и најумна од Музите). Понекогаш наместо Еагро како татко на Орфеј се смета Аполон, а за негова мајка се наведува Селена (грчки Луна), божицата на Месечината. Се смета дека таквата комбинација на родители (мајка- божица на Месечината и татко-бог на Сонцето) може да ја објасни Орфеевата божествена природа.
Орфеј научил да свири од Лин или Аполон. Лин е првороден син на Калиопа и Еагро или Аполон. Орфеј му бил љубовник на Аполон, па тој му ја подарил својата лира, што ја изработил Хермес од оклоп на желка. Некаде се наведува дека Орфеј лирата ја добил од својот татко Аполон, а дарбата за пеење во хексаметри од мајката Калиопа. Со своето пеење ги скротувал ѕверовите, ги запирал реките, ги придвижувал дрвјата и камењата.
Пред крајот на животот, Орфеј престанал да ги почитува сите богови, освен богот на Сонцето, Аполон. Едно утро се искачувал по планината Пангајон (каде што Диониз имал свое светилиште) и го поздравил својот бог на утрото. Го растргнале трачките Менади, оти не го почитувал својот претходен бог, Диониз.
Штом ја здогледал Евридика помеѓу нејзините пријателки, Орфеј знаел дека тие двајца ќе станат едно. Прекрасната Евридика, со долга руса коса и очи со боја на нарцис, наскоро станала негова жена. Но брачната среќа не траела долго оти Евридика ја допрела студената рака на смртта. Бегајќи од сладострасниот Аристеј, кој сакал да ја силува, нагазила на змија скриена во висока трева.
Неутешниот Орфеј се одлучил на уште еден неверојатен подвиг- слегување во светот на мртвите. На влезот во Адот со својата лира го маѓепсал Кербер и потоа застанал пред Ад и неговата жена Персефона, владетели на подземјето, па почнал да пее за спасување на својата сакана. Трогнати од неговата песна, тие одлучиле да ја пуштат Евридика назад на Сончевата светлина, но под еден услов: кога ќе се враќа на горниот свет, Орфеј не смее да се сврти по Евридика, која требала да ги следи неговите стапки.
Тргнувајќи полека, Орфеј, мачен од големиот копнеж да го види лицето на својата сакана и загрижен оти не ги чул нејзините чекори, го прекршил поставениот услов. Евридика потонала назад во светот на сенките, подавајќи му ги уште еднаш своите бледи раце. Ја изгубил засекогаш.