Уште при самото мое појавување на Гламстик,сакав да ја исполнам оваа задача, срцето ми бие уште побргу кога го пишувам овој пост.Игор е човекот кој многу го сакам,како личност,шоумен и актер,и мислам дека вреди на Гламстикот да има нешто испишано за овој фасцинантен човек :)
Нашиот драг Игор се раѓа на 15 јули 1963 година неколку дена пред Скопје да го раздрма земјотресот со голем интензитет. Тој е човек кој поседува многу таленти,тој е автор,актер,најпознат и незаменлив шоумен ,ТВ и радио водител.

Тој е дефинитивно една од најхаризматичните личности во Македонија,човек кој знае да те насмее кога и не ти е за смеење.
Уметничката атмосфера која владееше во семејството Џамбазови мошне рано го внесе малиот Игор во светот на музиката. Во своите сеќавања, уредно регистрирани (во АвтобиомонографијатаТоа сум јас - 1997. година) пишува дека прво нешто што од музиката има слушнато беа шлагерите на неговиот татко Александар Џамбазов како и распеаните фестивалски ноти и рефрени. Долго време мислел дека тоа е единствената музика на светот, но потоа ја сфати измамата и почна да следи нешто модерно.

Својата прва група ПОП ја оформува во 1975. година, кога имал само 12. години и со неа активно ординираше по скопските гаражи и атомски скривници. Петнаесетина години подоцна, сосема случајно, станува член на Хавана бенд, култната скопска летна клупска атракција, која ја имаше таа среќа да ја промовира лично и персонално тогаш угледен македонски политичар Др.Васил Тупурковски. Хавана бенд: во поставата: Игор, Зеко и Пиже за неколку месеци од своето постоење реализираше три снимки: Дај ми, жити све..., Нема спас и Шток ми, бејби, кои никогаш, во интегрална , студиска верзија не беа официјално објавени на некаков носач на звук. Освен на касетата Поп-рок хит '91 (на МКПМРТВ), каде во друштво со најголемите македонски хитови се најде и Шток ми, бејби, една од подобрите песни во таа 1991. година. Песните, чиј комплетен автор беше Џамбазов беа снимени во студиото на Тоше Поп Симонов, за што споменатиот никогаш од никого не доби ниту еден денар, а поради што воопшто не им се налути. Еден од најдобрите настапи Хавана бенд го имаше на легендарниот 8-ми септември 1991. година на Градскиот плоштад во Скопје, ноќта кога Македонија ги прославуваше резултатите од референдумот за својата независност. Во директниот ТВ пренос, во времето кога течеше настапот на Хавана, беа пуштени рекламите, што укажуваше дека беа неподобни. Потоа бендот падна под стечај, со желба на тројцата мускетари, еден ден, кога од се ќе бидат растеретени (како што беа тогаш) повторно да и се вратат на музиката. 1992. година Игор ја одбележува со хит-претставите Чија си и Грев или шприцер (продукција на Драмски театар - Скопје), со водителството во скопското КМР Скај радио (каде и го направи рекордот од 24 часа непрекинато водење програма) и со летната мини-турнеја со Бора Чорба, што се одвиваше по дискотеките во Македонија. Со акустична гитара Игор и Бора ги забавуваа посетителите, изведувајќи без струја (многу пред тоа да стане тренд) старите хитови на Рибља Чорба.
Во почетокот на деведесетите Игор учествува и на неколку домашни музички фестивали, што од овој аспект, тој признава, е негова најголема грешка во областа на музиката. Од авантурата наречена Макфест останува запаметена Љубов запеј ни, која ја сними заедно со сестрите Тања и Лидија Кочовски, како и со Џон Илија Апелгрин, и која помеѓу два фестивала (беше изведена во 1991. година) беше најизведувана композиција. Во 1992 година, (повторно) на Макфест ја исполнува носталгичната Време за плачење, која добива втора награда од публиката, а во еуфоричното расположение, статуетката (во облик на прстен) му ја предава на тогашниот македонски претседател Киро Глигоров, кој беше еден од најредовните посетители на фестивалот во Штип. Во 1994 на битолскиот Интерфест го освојува шесттото место, во конкуренција со 20 битолски изведувачи во финалето. Во 1994 година Игор Џамбазов го објавува и својот прв соло албум, претенциозно наречен Грејтист хитс. На касетата, снимена во студио РОСС, која ја продуцираше Роберт Саздов, а за која програмите и коаранжманските работи ги направи Дарко Мијалковски се најдоа осум теми, за кои (повторно) како комплетен автор се јавува самиот Игор (освен за темата Играј, народе која всушност е обработка на хитот Dancing in the street од репертоарот на Мик Џегер и Дејвид Боуви). Од песните се издвојуваат: Абе, Марија, Колку си секси, Тие, Тогаш и повторно Дај ми, жити све, за оваа пригода повторно снимена, но без старите пријатели Зеко и Пиже. Некаде во тоа време датира и познатството со Раде Шербеџија, еден од најдобрите актери на претходната Југославија, со кого Игор ја сними прекрасната анти-воена песна Зошто ние да не се дружиме, вметната на четвртиот албум на Шербеџија - Заборави, кој официјално беше објавен во САД, а чиј приход е наменет за раселените деца од просторот на бившата СФР Југославија. Во дискографската кариера на Игор Џамбазов ќе остана забележан и заедничкиот проект со Владо Јаневски. Имено, тие, за битолската дискографска фирма Сенатор објавија сингл-касета Домашна работа, со четири теми: две на Владо, две на Игор. Од песните на Игор се светлината на денот ја здогледаа: Данке, мајне либе и Кољо шо го викаат Поп, а песните на Владо... во приказната за Владо. Периодот во 1995. и 1996. година за Игор ќе биде запаметен по апстиненција од музиката, иако од тој период ќе остане запаметена соработката со Венко Серафимов, од која произлезе песната Скопје, Сарај, Матка... и обратно. Тогаш тој успешно ја водеше Дневна соба на телевизија Сител, како и ТВ-квизот Џандар збира, па едно време го снема од јавноста.

Овој харизматичен човек ја има напишано песната ,,Во Бестрага‘‘ пред точно 8 години, нејзината намена беше за Дарко или Брејк. Исто така повеќето ја сметаат за едно не надминливо маестрално дело некогаш напишано и испеано.
http://www.youtube.com/watch?v=HpAIDSSc_Y0&feature=related
Игор со најголемите ѕвезди од македонската естрада (Панки, Тијана, Ребека, Нокаут, Венко Серафимов, Маја Гроздановска, Магија...) во студиото Ентерпрајз на Валентино Скендеровски ја реализира обработката на хитот на Eagles, Hotel California - во негова верзија Хотел Македонија со која сакаше да обрне внимание на незавидната положба на својата татковина на чии плеќи се сручија над 300.000 албански бегалци од Косово и на чии порти тропаше крвавата балканска приказна.
За жал, од амбициозните пет концерти во скопската Универзална, одвај беа одржани два, со незавидно мал број посетители, но со невиден ентузијазам на музичарите на сцената.

Официјалната новинарска промоција на Ова не е блуз се случи на 24.4.2001. година во Скопје, во летната бавча на Тутуноберачите, а проектот веднаш го сврте интересот на публиката и благодарение на ангажираниот спот за песната Каква е оваа ситуација?, кој го режираше самиот Игор, а во кој се најдоа кадрите од детската серија Волшебното самарче, во чија реализација Џамбазов учествуваше уште како дете. На третиот по ред кумановски Летен џез фестивал Џамбазов со својот бенд имаше честа да ја претстави музиката и во една, поспецифична сцена, од естрадната, што само потврди колку тој како личност и неговата музика, како уметност се повеќеслојни.
До крајот на 2001. година песните од ова цеде успеале да доживеат и својата жива промоција, со два концерта во Универзалната сала, по што Игор Џамбазов, мажот на Искра и сопственикот на Бошко, најпопуларното куче во државата (кое имаше и своја колумна во еден дневен весник) и понатаму го гледавме во улога на актуелен и ангажиран Дедо Мраз во Супер Бинго на Тутун промет. Благодарение на своите извонредни уметнички и сценски перформанси Игор Џамбазов е три пати е прогласуван за Најпопуларно ТВ лице на годината, 2 пати за Артист на годината и 6 пати за Водител на годината.
Но Игор е и писател :)

Тој ги има напишано ,,Прирачник за анти,анти алкохоличари ‘‘ и автобиографијата Гол Човек.
Тој пишува за неговиот контраверзен живот, проблемите со коцкањето, заедничкиот живот и разводот со Искра.... Во неговата животна приказна се среќаваат и ликови кои се јавни личности. Кога тие би биле напишани со нивните имиња и презимиња, Игор би се соочил со многу тужби, клевети и бурни реакции, па затоа за несреќа на нашата љубопитност најмногу што можеме да добиеме се нивните псевдоними и останува на Вас да погодувате за кој би можело да се работи.
Книгата не е пишувана според некои правила, а тоа тој го нагласува уште на почетокот, дека ќе наиде на многу критики заради ваквиот начин на пишување, па често се среќаваме со стихови, кои ни се познати од веќе претходно напишани негови песни.
Искрено мислам дека книгата не е којзнае што, бидејќи има моменти кои се опишани толку детално, како на пример колку пари потрошил за такси и некои други детали, а оние настани кои најмногу ги интересираат читателите, се само нафрлени, прескокнати, а се доста значајни во неговиот живот. Но сепак, треба да се прочита, особено добра идеја е да се подари на некој кој има проблеми со коцкањето, било да е во почетна фаза или пак веќе длабоко навлезен. Игор самиот пишува дека може да има совршен живот, нагласува дека има сè за да биде среќен, но сепак е слаб, сепак подлегнува на коцката, се уништува самиот себеси, се крие и се срами, затоа што должи на многу луѓе.
Влегува во многу проблеми, навечер оди во казино, каде откако ќе се прокоцка, се плаши од она што следи, се плаши од утре, но секогаш заспива со мислата дека утре е дури утре.И за крај би сакала да кажам за она што мене ми остави најголем впечаток, а тоа се сликите во книгата и на самата корица. На предната страна од корицата, Игор изгледа како пештерски човек, со долга коса и брада. Потоа низ страниците на книгата, постепено како открива повеќе детали за себе, се разголува и ја бричи брадата и истовремено ја скратува косата, за да на крај, на задниот дел од корицата, тој е целосно разголен, без брада и со скратена коса.
Така "гол човек" е симбол и за неговиот живот, губењето на сите скапоцености, но и симбол за книгава која на еден начин го разголува и ја открива неговата приватност.
А пак ,,Прирачник за анти,анти алкохоличари е автобиографско искуство со дружењето со чашката или хемиската формула C2H5OH, повторно како и во неговото претходно дело е потресно, сурово, без трошка срам ГОЛ во вистинска смисла на зборот, со висока доза на самоиронија, на некои моменти како лајт мотив го имаме оној препознатлив Игоров хумор, нè запознава со неговата голгота и борба со една од болестите на модерната доба - АЛКОХОЛИЗМОТ. Низ овие страници ќе продефилираат и неговите придружници во тие излети со чашката, првото вкусување на амброзијата, неговите зачестени дегустации, неговата љубов Цаци, болната разделба, падовите во борбата со оваа болест и ред други интригирачки теми.
Ова книга нека е поттик дека секој може да ја остави поврзаноста со чашката и да се врати на вистинскиот пат, но тој пат верувајте милиoн пати е потежок и народски кажано „маста ќе ви излезе“. Патот до чашката е лесен, а патот до трезноста е тежок.
Но Игор е и актер. Со актерството започнува уште на 12 годишна возраст, со улогата во филмот кој се базира на истоимената книга "Волшебното самарче" од Ванчо Николевски.Во филмот ја игра главната улога заедно со многу познатиот македонски актер Ристо Шишков.

Ахх овој волшебен човек со голема доза на хумор :)
Искрено цркнав од среќа кога го видов на Нокаут анплаг, само за него најмногу отидов, многу јака атмосфера направи,едноставно ти си ЦАР !